Унијата на средношколци во Охрид денеска одржа прес-конференција на која упати јавен апел до дел од професорите и учииштата кои штрајкуваат да го прекинат штрајкот, зашто, како што рекоа, најголемиот товар паѓа врз нив како ученици.

„Не сакаме поради штрајкот на дел од образовниот кадар да ги одработуваме саботите и неделите и тоа во пресрет на училишното полугодие. Ние во цела оваа ситуација сме само колатерална штета на нечии желби и барања“ изјави на прес-конференцијата претседателот на средношколската унија во Охрид, Илија Куртески.


Илија Куртески

Тој потсети дека настава мора да продолжи да се одвива со несмален интензитет. „Нејзиниот застој значи ускратување на правото на образование, право кое не само што е загарантирано со Уставот на Република Македонија туку и со повеќе меѓународни документи како што е Универзалната декларација за правата на човекот и  Конвенцијата против дискриминација во образованието“, појасни Куртески и додаде дека средношколците не го оспоруваат правото на штрајк, но истовремено се грижат и за нивното право на непречено образование.

Дел од наставниот кадар денеска беше на работните места. Професорите не ја оправдуваат реакцијата на средношколците. Тие велат дека барањата поради кои се одвива и штрајкот се легитимни и крајно време е да се реши статусот на образовниот кадар кој, како што велат, со години наназад е на маргините од општеството.

А.Р.