Унијата на млади сили на ВМРО – Народна партија вчера ја обележа 20 годишнината од формирањето на унијата на млади сили во Охрид.

Претседателот на охридската  партиска младина, Филип Јовановски вели дека како и во минатото така и денес, активно ги следат сите прашања  поврзани со младите во Охрид и секогаш даваат критики или предлози за нивното надминување.

-Нашата приказна започна на 19 јануари 1992 година кога под тешки услови но со цврста идеја и голем ентузијазам се формираше нашиот политички подмладок во Охрид, тогаш под името УМС на ВМРО – ДПМНЕ. Низ нашиот пат имавме доста подеми и падови. Имаше блескави периоди кога младинската организација рамо до рамо се мереше со европските младински организации. За жал имавме и лоши периоди кои достојно и со главата горе ги пребродувавме. Според организацијата на паријата, нашиот подмладок функционира во рамки на 27 месни комитети кои се распространети низ целата територија на Општина Охрид, рече Јовановски.

Тој нагласи дека младите во Република Македонија денес сеуште се соочуваат со многу проблеми.

-Големиот процент на невработеност, бесперспективност како и немањето стратегија и поддршка од властите за ваквата состојба е тоа што ги тера младите се повеќе спасот да го бараат надвор од нашата држава. Уништувањето на образованието, посебно високото, произведува неквалитетни млади кадри кои по квалитет не можат да се натпреваруваат со младите од Европа и светот. Уште полошо е што организациите кои треба да ги бранат правата на студентите и учениците се целосно мртви или целосно партизирани, рече Јовановски.

Тој истакна дека на  Република Македонија под итно и е потребен Закон за млади и младински организации што ќе им служат на младите и ќе ги препознаваат нивните проблеми и нема да бидат под државна капа и со политичко влијание.

OhridNews