Охридски спомен од далечната 1963 година. Со оваа разгледница холандската фамилија Геритсен и прати езерски поздрав на фамилијата Дуфелен во градот Утрехт. Поштенскиот печат датира од 15-7-1963. Уште пред 50 години портокаловите туртисти беа веќе воодушевени од дијамантот Охрид. Сега после пет децени истите Холанѓани доаѓаат во Македонија. Како времето да стои и ништо да не е сменето. Има само една промена, имаме Интернет, Facebook, Instagram, Twitter…


На разгледницата пишува со мали букви: Црквата на манастирот во Охрид е ‘оргинал фотографија’. „Југотурист Београд“ ја има издавано заедно со Заводот за заштита на спомениците на културата од Охрид.


Уникатнава разгледница ја купив деновиве случајно во холандскиот град Харлем. На централниот плоштад во сончев амбиент имаше пазар за стари книги и слики. На една тезга еден човек продаваше само разгледници од цел свет. Сигурно над 1000 пликови беа уредно сортирани. Од секоја држава и од секакви градови.


Јас директно фокусиран барав дали има нешто македонско. Бев брзо успешен. Спакувани беа 2 разгледници од Виница, една од Битола, една од Скопје и една од Охрид. Охридскава ја платив: 1,50 евро.

Владо Велјаноски
новинар на холандската телевизија НОС Студио Спорт