Со овие зборови охриѓанката Катерина Василевска го опишува она што со години го окупира нејзиното внимание- изработувањето накит создаден со многу љубов, креативност, огромно трпение и часови работа.
Љубовта и интересот за изработка на накит, но и безброј други креации, кај Василевска постои уште од најмала возраст.
– Уште како малечко девојче го трансформирав секој предмет што ќе ми паднеше во раце. Често пати доаѓав во конфликт со мајка ми, затоа што не остана ниту едно парче од мојата облека идентично како што ми го купила. Уште не однесено дома, веќе го замислував или пресечено, или обоено, со залепена или пришиена апликација. Истата судбина ги снаоѓаше и предметите во домаќинството. Често пати експериментите беа успешни, но понекогаш се случуваше и предметите да завршат во отпад, со насмевка раскажува Катерина.
Инспирацијата ја наоѓа насекаде околу себе.
– Човек треба само да ги отвори очите и срцето и да ја пронајде. Понекогаш е доволно на улица да видам паднато и полуизгниено ливче од липа, па веднаш потоа да создадам прекрасна огрлица во облик на лист со сите топли бои на есента, вели Катерина.
Таа објаснува дека зад секое изработено парче накит, стои цела приказна, која не може во два збора да се раскаже. Секој изработен предмет е создаден со многу љубов, па затоа со тешко срце се одвојува од своите креации. – Често пати на вага ги ставам моите емоции. На едниот тас го ставам убавото чувство од успехот и финансиската награда, но оној другиот тас каде што е тагата што сум се одвоила од конкретното парче накит- секогаш преовладува, објаснува Катерина.
За своите идни планови не открива многу, освен дека Kate`s накитот не го гледа само во границите на нашата држава, туку многу подалеку. – Ги пратам сите дизајнери на уникатен, рачно изработен накит во државава и можеби ќе звучам нескромно, но не гледам конкуренција. Дури и оние кои се препознатливи имиња, имаат креации на кои јас гледам како на играчки. Нивните креации, за мене, се нешто што уште одамна го имам оставено зад себе, додава Василевска.
Прекрасните украси, направени од најразновидни материјали и полудраги камења, пошироката јавност ќе има можност да ги види на вечерашната изложба во 21 часот во ресторанот „Дамар“, што ќе се одржи во рамки на фестивалот “Охридско лето”. Досега, привилегија да уживаат во убавината на секој нов, уникатен примерок накит од Кате имаа само блиските пријатели и фановите на нејзината Фејсбук страница, чиј број од ден на ден е се поголем.