Непознати сторители вчеравечер ги оштетиле сообраќајните знаци на кружната крстосница, непосредно до ЈЗУ „Општа Болница“ во Охрид. Направена е штета врз инфраструктурата , но и врз електричната инсталација на која биле приклучени неколку од соборените знаци со светлечки лед диоди.


-По дојава на стручните служби на општината и загрижени совесни граѓани, добивме известување дека сообраќајните знаци на овој потег се делумно и целосно уништени.  Иста ваква појава е забележана и на потегот кај Малиот плоштад на улицата „Коста Абраш“ кадешто сообраќајниот знак за забрането паркирање во текот на доцните вечерни часови е отстранет односно украден. Како сектор за комунални дејност непријатно сме изненадени од новонастаната ситуација и апелираме во иднина да престанат ваквите појави. Можеби индивидуално или на поединечни групи хаосот им одговара, но ние како локална власт строго ќе се раководиме по веќе установената практика за владеење на правото и законите и ќе продолжиме со санација на направените штети, изјави Љупчо Танески од Фондот за комунален развој.


Во текот на денот градежни работници ќе ја санираат штетата и ќе ги вратат знаците на првобитните места, а од општината апелираат до граѓаните да се однесуваат совесно и да не прават дејствија на општа штета.

OhridNews