Палењето и уништувањето на трската на Охридското езеро е забрането, но не е соодветно санкционирано, ниту со кривичниот законик, ниту пак можат да се поведуваат граѓански парници за оние кои тоа го прават, истакна пратеникот Александар Николоски кој вети дека ќе се заложи за промена на постојните законски решенија со цел уништувањето на трската да стане казниво дело.

– Доколку уништувањето на трската се третира како казниво дело оние кои тоа го прават би сноселе одговорност како и во останатите случаи на пироманија и подметнување на пожари. Но, освен носењето на законски решенија, потребно е и тие да се почитуваат и да се издигне на повисоко ниво свеста кај луѓето за значењето на трската и нејзината заштита, потенцира Николоски.

Потребата од изготвување на закон или дополнение на закон со кој ќе се стави режим на заштита на појасите на трска во и околу басенот на Охридското езеро и предвидувањето на казнените одредби за нејзина деградација, беше иницирана од страна на учесниците  на трибината која неодамна ја одржаа претставниците на Спортско риболовниот клуб „Св. Апостол Петар“ и Билатералниот секретаријат за Охридското езеро, а му беше претставена и на пратеникот Николоски.

Случаите на палење на трската во овој период од годината е се почест. Само во изминатиот месец беа забележани три случаи кај некогашната Детска болница, кај Подмоље и Грашница. Во најголемиот број случаи причина е човечки фактор.

OhridNews