Брзиот развој на технологијата во 21-от век наложува промени во универзитетското образование, всушност темпото на развој на образованието не може да го следи брзиот техничко- технолошки развој. Ова е поводот за  конференцијата „Улогата на високото образование во општеството“ која Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола ја организира денеска и утре во Охрид. Универзитетските чинители од регионот на конференцијата ќе разменуваат искуства  за тоа како да се одговори на новите предизвици на општеството кон универзитетите.

Универзитетите се со вековна старост, но како структура многу тешко се менуваат и од секогаш биле клучни две димензии, образование и наука. Денес еминентна е третата димензија, а тоа е дека на овие современи комплексни потреби на општеството треба  да одговориме со еден широк консензус и знаење, за на крајот на денот универзитетот да не биде еден изолиран остров, туку дел од пошироките општествени случувања. Затоа и визијата на „Европската асоцијација на универзитети 20-30“ е визија за универзитети без ѕидови и во тој контекст се излагањата и дебатите на конференцијата, вели ректорот на УКЛО Сашо Коруновски.

Како што вели Коруновски, треба да се намалуваат разликите помеѓу средното и високото образование, односно наместо образование во циклуси процесот да се претвори во континуирано образование што ќе доведе до тоа  средношколците кои треба да одберат идна професија да имаат појасна визија. Важно е да се срушат бариерите и строгите граници помеѓу областите, а наместо тоа се повеќе да се посочува кон континуирано учење и надоградување.

 

Разликите помеѓу средното образование и високото образование треба се повеќе да се намалуваат, односно ние заеднички да делуваме  во делот кога младите ќе се веќе зрели, кога ќе дојдат кај нас да може да изберат вистински, а тоа ќе го направиме доколку го споиме образованието и  нашите можности ги презентираме вистински пред  средношколците кои сакаат да изберат наместо со презентација на проспект. Втората важна работа  е континуираното образование кое  е суштинско. Ние добиваме диплома од факултет ама тука не завршува нашата едукација, напротив ние допрва треба да се градиме како експерти и да се фокусираме кон континуирано градење  како личности и доживотно учење, тука треба да ги срушиме тие ѕидови и да изградиме мостови, затоа што дефинитивно светот ја виде неусогласеноста на бизнис, не- бизнис секторот со образовниот процес и тука се тие диспаритети на коишто мора да поработиме, додава Коруновски

Се повеќе улогата на високото образование се смета за еден поширок контекст од она што значеше- образование и наука. Денес,  високото образование веќе стана и социјална одговорност, значи дека треба да одговори  на многу повеќе барања во општеството освен образование и наука. Коруновски вели дека е време да се дејствува со радикални промени и ја потенцираше важноста од постоење на меѓуобласти, односно лица коишто имаат образование што навлегуваат и во една и во друга област, тој додава дека секогаш постои можност за преквалификација и доквалификација.

Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Софија, Р. Бугарија Анастас Ѓерџиков истакнува дека дебатата за тоа што треба да се направи за универзитетите да се прилагодат на новото време е на светско ниво во последните пет години, според него Индустриската револуција е многу побрза од промените во образованието. Професиите во иднина ќе се менуваат многу брзо, и не може да се  предвиди какви професии ќе бидат потребни за неколку години.

Универзитетите се важни бидејќи продуцираат луѓе со високо образование во различни области кои треба да одговорат на одредена професија. Во последната деценија универзитетите се соочуваат со многу предизвици од повеќе аспекти како дигитализацијата која што стана и поактуелна за време на пандемијата и ја покажа потребата за дигитални ресурси. Никој не знае што е она што треба да се направи за да се прилагодат на новото време, токму затоа е оваа конференција и не само тука, туку во целиот свет има голема дебата во последните 5 години затоа што никој не знае како да се прилагоди кон тоа брзиот развој на технологиите. Индустриски и технички револуциите во минатото  се одвиваа побавно и универзитетите се адаптираа, но сега технолошката револуција е толку брза што ние заостануваме и затоа ваквите конференции ќе помогнат, вели Ѓерџиков. 

 

На конференцијата учествуваат репрезентативен збир на универзитети, пред се од регионот кои дискутираат на темата што е она што би можело да се направи и кај помалите универзитети како македонските за да одговорат на потребите на современото општество, ова е тема која што се дискутира за прв пат,а се чини дека допрва треба  да добива на значење. Во текот на денешниот и утрешниот ден на темата мислења ќе разменуваат Ректорот на Софискиот универзитет „Св.Климент Охридски“ ректорот на Белградскиот универзитет, Ректорот на Скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“  на Универзитетот Мајка Тереза, проректори од Универзитетот во Корча, претставници од Универзитетот во Солун и од Универзитетот од  Велико Трново.

 

 

К.А.

Фото: A.Момироска