Ректорот, професорскиот кадар, администрацијата и студентите од Универзитетот за информатичко општество “Св. Апостол Павле”, денес, со свои потписи го подржаа “Манифестот на Македониумот”, иницијативата за собирање потписи која ја покрена група македонски спортисти и уметници, а како реакција поради изоставувањето на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија.


Како што изјави ректорот на унивезритетот Данчо Давчев, иницијативата е значаен чекор затоа што заштитата на македонскиот јазик е и заштита на македонската нација и идентитет.

И професорите и студентите стојат зад иницијативата и ќе ги вложат сите капацитети, заедно со активностите што се спроведуваат во Македонија, да успееме во таа намера да ги заштитиме нашиот идентитет, нашето име, па и нашето постоење, прашања од примарно значење за сите нас, изјави Давчев.

Давчев потенцира дека токму по ова прашање треба да покаже дека сме способни да се здружиме заедно, пред се кога во прашање се клучни национални интереси, како што се името и идентитетот на нацијата, а со тоа и постоењето на Република Македонија како држава.


Дејан Стефановски, претседател на Студентскиот парламент при Факултетот за информатички науки, истакна дека инцијативата треба да биде мотив за секој студент на универзитетот.

Ја добивме поддршката и од студентите од странство кои го побиваат апсурдот на непостоењето на македонскиот јазик. Со самото тоа што зборуваме и пишуваме на македонски, твориме и се развиваме на истиот тој јазик, би било нелогично ако кажеме нешто спротивно на тоа. Затоа и го поддржуваме овој манифест, рече Стефаноски.

Собирањето на потписите во просториите на универзитетот, ќе се врши секој ден заклучно петок, во периодот од 10 до 14 часот.

Откако ќе се соберат потписите од сите градови низ Македонија каде иницијативата беше поддржана, Манифестот ќе биде доставен до Делегацијата на Европската унија во Скопје и лично до еврокомесарот Штефан Филе.

OhridNews