Универзитетот „Св.Климент Охридски“ го објави конкурсот за запишување студенти во прва година на првиот циклус студии во следната академска година.
 
Според конкурсот, годинава ќе може да се запишат 4.058 студенти, од нив 2.085 редовни студенти во државна квота, 1.329 редовни студенти со кофинансирање и 644 вонредни студенти.
 
Од битолскиот универзитет најавуваат дека можно е да се објави и дополнување на конкурсот доколку Владата го прифати барањето во врска со одредени студиски програми, ставени во мирување и со уписните квоти на дел од студиски програми на Техничкиот факултет-Битола, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Факултетот за безбедност-Скопје, Факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи-Битола и Правниот факултет-Кичево.
 
За обезбедување правична и соодветна застапеност на студентите припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, високообразовните установи во состав на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, дополнително ќе запишат студенти припадници на овие заедници, чиј број да не е повисок од 10 отсто од вкупниот број студенти кои се запишуваат во прва година на ниво на единица. Бројот на студенти припадници на безбедносните сили и други категории лица утврдени со Законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија кои се запишуваат во посебна квота и без плаќање партиципација, може да изнесува најмногу 10 отсто од вкупниот број на студенти на ниво на студиска програма.
 
Првиот уписен рок и пријавувањето на кандидатите ќе се врши на 16 и 17 август, а вториот на 3 и 4 септември.

OhridNews
извор: МИА