Со црковни обичаи и света архиерејска  литургија со која чиноначалствуваше Ариепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со митрополитите Тимотеј и Агатангел, на Плаошник денеска беше поставен камен-темелникот на Светиклиментовиот универзитет.


На свеченоста присуствуваше премиерот Никола Груевски кој истакна дека културниот комплекс е предвидено да заврши до 2014 година.

– Финсиските средства за неговата изградба ќе бидат обезбедени во рамките на капиталните проекти на Владата на Република Македонија финансирани директно од државниот Буџет во повеќе буџетски години, истакна Груевски.


На свечениот чин присуствуваа и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, пратеници од Собранието на Република Македонија, градоначалникот на Општина Охрид и директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, кој изрази благодарност до сите кои придонеле за возобновување на Светиклиментовиот универзитет. Кузман информираше дека на Плаошник ќе бидат изградени 23 објекти чија вредност се проценува на околу  9 милиони евра, а за ентериерно опремување дополнително ќе бидат распишани тендери.


– Во рамки на Универзитетскиот комплекс ќе функционира редовна конзерваторска школа, со професори од признати светски универзитети, музеј на почвата на Плаошник во кој ќе бидат презентирани богатите наоди на самиот археолошки локалитет, богата Светиклиментова библиотека со стартни сто илјади наслови, седиште на Галеријата со икони, Македонскиот институт за хуманистички науки, посебен монашки простор наменет за свештени лица, афилијации на светски универзитети, како и Светиклиментова градина како место за одмор и креативна инспирација, рече Кузман. Тој објасни дека сите предвидени објекти внимателнио биле проектирани и дека естетски нема да ја загрозат Светиклиментовара црква Св. Пантелејмон на Плаошник.


Придонес кон возобновување на Светиклиментовиот универзитет даде и локалната самоуправа која деновиве на итна седница на Советот донесе одлука за отстапување на корисничкото право на земјиштето без право на жалба.

-Му благодарам на Советот што имаше слух и што ја донесе таа одлука за да може денеска да се постави законски камен темелник на Плаошник. За денешниот чин обезбедени се сите потребни документи, а во наредниот период очекувам да се запазат и другите потребни процедури со цел овој значаен комплекс за Охрид и Македонија да биде изграден онака како што доликува, изјави градоначалникот Александар Петрески.


Удрени темелите на универзитетскиот комплекс на Плаошник

OhridNews