Овој парламентарен состав има единствена, историска шанса да обезбеди иднина на Македонија во ЕУ и НАТО, изјави денеска на прес конференција Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

-Над 90 отсто од граѓаните кои гласаа на референдумот на 30 септември јасно покажаа дека се за ЕУ и НАТО. Повеќе од 80% од граѓаните според сите истражувања се за ЕУ и НАТО. Како пратеници, имаме одговорност пред граѓаните кои не избрале да ја почитуваме мнозинската волја, да го продолжиме процесот и да ги усвоиме уставните измени. Собранието треба да ги усвои измените на Уставот кои се во насока на заштита и зајакнување на нашиот македонски идентитет и кои обезбедуваат просперитетна европска иднина што ја очекуваме 27 години. – рече Тунтев.

Според него патот кон ЕУ и НАТОмора заедно да го изодат пратениците од власта и опозцијата.

-Ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат во процесот. Алтернатива не постои, секој друг предлог за друг пат на Македонија значи туркање на нашата држава во нови изолации и кризи. Македонија припаѓа на западниот свет, без разлика што Христијан Мицкоски има проблем со тоа. – додаде Тунтев.

Координаторот на СДСМ и коалицијата смета дека ива раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски е исто, можеби и полошо од претходното предводено од Никола Груевски.

-Ја срамоти државата и отворено се кара и се расправа со најголемите стратешки партнери. Ова раководство отворено и јавно се однесува антизападно. Но затоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, народните избраници, имаат шанса да се издигнат над ставот на антизападниот партиски лидер и да се приклучат во процесот што обезбедува европска иднина.Убеден сум дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се за влез во ЕУ и НАТО. Сега е историскиот момент да го покажат тоа на дело, да ја почитуваат волјата на над 80 отсто од сите граѓани и да ги поддржат уставните измени. – истакна Тунтев.

Ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ продолжи по секоја цена да ја блокира иднината на државата тогаш неизбежни се предвремени парламентарни избори организирани веднаш, рече Тунтев.

OhridNews