– Имиџот на фестивалот е голем и постојанo се негува и не очекувам последните случувања да имаат реперкусии на програмата, која во изминатите неколку години 100 процентно е реализирана, а обврските кон изведувачите целосно се подмирени, вели претседатеот на Управниот одбор на фестивалот Зоран Велјаноски – Летра.
Тој смета дека целата ситуација наскоро ќе се среди, најавувајќи дека за десетина дена фестивалот ќе добие директор, кој ќе биде избран по скратена постапка на конкурс, кој како што дознава OhridNews ќе биде распишан уште утре. Согласно статутот на фестивалот директорот врши избор на програмски селектори, кои управниот одбор очекува да бидат познати исто така многу скоро, односно по изборот на нов директор на установата.
Велјаноски тврди дека фестивалот нема финансиски проблеми и дека редовно ги сервисира обврските, а точната финансиска слика ќе биде појасна по усвојувањето на завршната сметка деновиве.
-Институцијата нема големи долгови. Таа работи непречено и ги сервисира тековно своите обврски и долгови кои не се нерешливи, така што нема опасност да биде блокирана работата на фестивалот, како што се шпекулира, вели Летра, додавајќи дека фестивалот редовно одржува контакти со спонзорите, кои и натаму покажуваат голем интерес за Охридско лето.
Одговарајќи на новинарско прашање претсдедателот на УО истакна дека новоназначениот вршител на должност директор на фестивалот доаѓа од редот на вработените и има високо образование, не коментирајќи притоа дали профилот одговара на потребите на фестивалот.