Легендарниот едреник „Баунти” веродостојната копија на истоимениот историски брод и учесник во снимањето на два холивудски филмски хита, потона во понеделникот во крајбрежјето на сојузната дражва Северна Каролина, откако беше зафатен од големото невреме предизвикано од ураганот Сенди кој се движи кон источниот брег на САД. Двајца членови на екипажот се водат за исчезнати, пишува The Washington Post, пренесува „Макфакс“.

Едреникот со три катарки „Баунти” е произведен во 1962 година за снимањето на филмот „Бунтот на Баунти” во кој главната улога ја толкуваше славниот Марлон Брандо. Подоцна, овој брод повторно се појави на филмските екрани во филмот „Пиратите од Карибите: Ковчегот на мртовецот”.

Бродот „Баунти” на кој имало 16 луѓе, ја изгубил врската во неделата навечер. Утрово, американската крајбрежна стража ја започнала потрагата по бродот.

Кога спасувачките екипи од воздух го забележале „Баунти”, екипажот веќе го напуштил бродот кој почнал да тоне преместувајќи се во помошниот чамец за спасување. И покрај тешките услови, ветер со брзина од 65 километри на час и бранови со височина до три метра, спасувачите успеале да ги подигнат морнарите во хеликоптерот.

Според претставникот на крајбрежната стража, потполковник Мајк Патерсон, наскоро било утврдено дека двајца членови на бродскиот екипаж се исчезнати. Според првичните сознанија, тие биле повлечени од бран во моментот додека се префрлале на чамецот за спасување.

„Баунти” потонал речиси веднаш по евакуацијата на екипажот, во моментот сѐ уште трае потрагата по исчезнатите морнари, додава Патерсон.

Ураганот Сенди се очекува вечерва да стигне до американскиот брег.

OhridNews
извор:„Макфакс“