Магловити утра и водух исполнет со смог. Оваа појава е се почеста во Охрид кој важи за еколошки чист град. Мерењата на квалитетот на воздухот и водата кои редовно ги врши Центарот за јавно здравје изминатите години покажуваат значителни негативни промени и се поголемо присуство на штетни материи. Тоа според стручњаците се должи на влијанието на човекот врз животната средина и зголемената урбанизација, која мора да запре за да се намалат штетните последици по здравјето на луѓето.

-Навистина доцниме, порано требало да се води сметка, да се направи план каде и што треба да се гради, какво е филтрирањето и протокот на водух и дали тој воздух може да стигне онаму каде што стигнувал пред 20 – 30 годни, за жал тоа не е така и има се повеќе здравствени проблеми и болести на дишни патишта и канцерогени малигни заболувања. – изјави Сашо Точков од Центарот за јавно здравје и претседател на ОО Црвен крст Охрид.

Точков предупредува дека последиците од оптоварувањето на животната средина во иднина ќе бидат уште покатастрофални доколку не се промени односот на човекот кон природата. 

– Како и сите работи и оваа еуфорија урбанистичка ќе помине, но штетите се неповратни. Не може да се вратат работите назад, не може да кажете сме изградиле еден ѕид покрај езерото и сега ќе го срушиме. Секоја чест на урбанистите кои планираат, но многу повеќе мора да се води грижа за животната срдина и од стручните лица и од самите луѓе она што ни го дала природата мора да го почитуваме.- додава Точков.

Зголемената урбанизација во Охрид покрај еколошки има и економски последици, што негативно влијае на пазарот на недвижности.

– Во Охрид имаме голема градежна експанзија и тоа непланска. Самите инвеститори кои градат неплански го направија тоа. Само на еден потег во Билјанини извори имате зацртани 38 згради, а кога имате зголемена понуда на пазарот нормално е дека имате намалување на цената или слаба продажба доколку ја држите цената.– изјави Цветко Грозданов, директор на јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор.

Точната бројка на викенд станови во Охрид кои во најголемиот дел од годината се прази, не е позната, а градежната експанзија и натаму продолжува.

Горан Момироски