Развојната програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид од 2014 до 2016 година, предизвика голема дискусија на 17-тата седница на Советот на Општина Охрид која се одржува денеска.
Советникот на ВМРО-Народна Партија, Јоне Станкоски истакна дека иако партијата ВМРО-ДПМНЕ во минатото била најжесток критичар на урбанзацијата, сега како локална власт издвојува повеќе седства токму за оваа намена.
-За Урбаниситичкото планирање предвидени се 26 милиони денари повеќе во Буџетот за 2014 година, што значи дека во наредниот период ќе се интензивира градбата. ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма им ветуваше на граѓаните дека ќе понуди нов концепт во урбанизмот, но она што денес го добивме како концепт не е ништо различно од преходните години. Не добивме нов концепт на урбанизација и таа ќе продолжи со исто темпо, рече Станкоски.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев исто така потенцираше дека оваа програма не донела никаква новина во урбанистичката сфера.
-Во однос на Предлог програмата за изработка на планови од урбаниситичката сфера опозициската советничка група беше против, затоа што во таа програма не препознавме ништо од она што од ДПМНЕ го најавуваа во делот на урбанизамот. Јавноста е добро запознаена со настапите на ДПМНЕ во минатото, во однос на секој урбанистички план кој содржеше зграда. Значи изричито беа против и прокламираа за урбаниситички хаос, за бетонска узурпација и слично, а денес го зголемуваат бројот на урбанистички планови, затоа што и самите видоа дека најголемиот приход, општината може да го оствари од комуналиите за градба, рече Тунтев.
Обвинувањата од опозицијата, за советниците на ВМРО-ДПМНЕ се само еден неуспешен обид да се извлечат од штетите кои ги направиле во минатото, со урбанизмот во Охрид.
–Денеска припадниците на опозицијата продадоа една теза која е невистина, а тоа е дека сумата во програмата за урбанистички планови значела дека ќе се случува нешто во урбанистичката сфера. Имено ВМРО-ДПМНЕ секогаш ја гласаше Програмата за урбанистички планови и во минатиот состав на Советот, затоа што не е проблемот во програмата, туку во начинот на носење на урбанистичките планови, изјави Дејан Пановски, советник на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку во рамки на денешната седница беа усвоени и Програмата за работа во областа на располагањето со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Охрид и Развојната програма за уредување на градежно земјиште од 2014 до 2016 година.
OhridNews