Најмалку 1.000 здравствени работници годинава ќе бидат испратени на едукација во странство. Едукацијата на медицинскиот кадар во странство е уште една фундаметална мерка во насока на унапредување на здравствениот систем, со што овозможуваме и подостапни здравствени услуги за граѓаните, подобар квалитет на здравствените услуги, како и зајакнување на здравствената заштита на сите нивоа.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека со Законот за медицински студии и континуирана медицинска едукација на лекарите и друг здравствен персонал, едукацијата на медицинскиот кадар во странство е предвидена како законска, трајна обврска на јавните здравствени установи на секундарно и терциерно ниво на здравствена заштита.

– Врз основа на оваа обврска и како операционализација на обврската, Министерството за здравство и за годинава подготвува Програма за едукација на лекари и медицински персонал, како Програма на Влада. Во 2015 година Министерството ја реализираше оваа обврска и во странство на едукација беа испратени 1.000 здравствени работници од кои 800 лекари и 200 медицински сестри и останат медицински персонал, посочи Тодоров.

Почнувајќи од 2012 година, досега, потенцира министерот, се реализираа вкупно 2.084 едукации во странство на доктори, медицински сестри и останат здравствен персонал. Појасни дека една од примарните цели на овие едукации е зголемување на квалитетот на здравствената услуга, воведување на нови методи, намалување на компликациите, подобра организација во работата, како и пренесување на знаење и искуство од најсовремените здравствени системи и болници во Република Македонија.

Според него, со ова овозможуваат оптимална искористеност на новата, најсовремена медицинска опрема која континуирано се обезбедува за јавните здравствени установи во државата.

OhridNews