Општинскиот инспекторат денеска продолжи со контрола на плажите на охридското крајбрежје со цел да се утврди дали концесионерите ги почитуваат одредбите од договорите за закуп. Вчера била извршена контрола на десет плажи, а уште толку се контролираат денеска.
-Неправилности се утврдени кај три плажи. Веднаш по контролата едниот концесионер успеал да ги отстрани неправилностите, а спорни остануваат уште две охридски плажи од контролираните. На едната од нив закупецот сто проценти го користел просторот за поставување урбана опрема, а во вториот случај не се подмирени обврските од договорот за закуп кон општината.-изјави Ангела Белевска од одделението за односи со јавност при локалната самоуправа.
Кон концесионерите кои нема да се придржуваат на Договорите за закуп, ќе бидат преземени соодветни мерки и ќе бидат соодветно санкционирани, предупредуваат од локалната самоуправа.
-Во најкус можен рок прекршителите мора да ги отстранат неправилностите, во спротивно зависно од висината на прекршокот општина Охрид ќе ја активира банкрарската гаранција и може еднострано да го раскине договорот за закуп.-истакна Белевска.
Контролите на плажите на охридското крајбрежје ќе продолжат и во наредните денови. На територијата на општина Охрид има 23 плажи кои имаат склучено договори за закуп.
OhridNews