Уште две украински семејства мирот го побараа во нашата земја сместувајќи се во Охрид и Струга, бегајќи од воениот конфликт.

Семејство со пет деца од кои најмалото едномесечно бебе се сместени во Струга, откако го напуштиле својот дом во Запорожје со како што велат само една торба, најпрво упатувајќи се кај роднини во западна Украина, каде што останале една недела и им помагале на бегалци како волонтери. Кога и во тој дел почнале воените напади, одлучиле да ја напуштат земјата, вели Марија Орловскаја.

Живееме во близина на аеродром, секојдневно се слушаа пукотници од првиот ден од 24 февруари од пет часот наутро. Избегавме само со облеката која беше на нас. Ѕидовите од куќата силно се тресеа поради гранатирањето, а кога низ градот почнаа да се шетаат вооружени групи, кои ги блокираа патиштата заминавме. Заминавме со една торба, оставивме се зад себе. Оставивме клуч од нашата куќа кај соседите, за да може да им послужи на други бегалци да преспијат и да се засолнат, вели Орловскаја.

Додава дека било тешко  да се одлучат да заминат од Ураина со оглед на тоа дека имале куќата која ја граделе повеќе од пет години, а и бизнис што го почнале пред осум години.

За сместувањето во Струга побарале помош на социјалните мрежи од каде волонтер им понудил бесплатно сместување во хотел, кој работи само во летната сезона, но за возврат се договориле дека ќе помогнат околу подготовките за отворањето, вели сопругот на Марија, Владимир.

Поминавме низ Албанија, Србија, Бугарија и Црна Гора, но најмногу бевме воодушевени од Македонија и затоа дојдовме тука. Не ни е важно дали ќе добиеме парична помош од државата, сакаме само да бидеме на место каде има мир. И природата е убава тука. Македонскиот и украинскиот народ се блиски, вели Владимир Орловски, додавајќи дека не знаат колку ќе останат.

Засега имаат финансиски средства, но не знаат за колку време ќе им стигнат со оглед на тоа дека имаат пет деца. Очекуваат помош од некој кој може да им помогне, да обезбеди пелени за бебето вели Марија.

Сакаат да продолжат да работат и самостојно да ја обезбедуваат егзистенцијата за своето семејство. Владимир работел како благајник, додека неговата сопруга Марија, била доктор невропатолог и нутриционист, а водела грижа и за бремени жени.

Покрај нив, уште едно семејство со три деца е сместено во Охрид во стан каде плаќаат кирија 250 евра месечно. Дојдени се од Полтава, град во близина на Харков. Решиле да ја напуштата Украина пред се поради нивните деца од кои едното четиригодишно, а другото 14 години.

Спиевме во ходникот плашејќи се од експлозиите, кои можеа да предизвикаат кршење на стаклата од прозорците. Ситуацијата стануваше полоша и пробавме со евакуационен воз да стигнеме до Полска, но бидејќи требаше многу да се чека, се упативме со автобус кој го организираа волонтери до Врашава. Во Полска цените на становите што се издаваат се високи, 1.000 долари за месец, а треба да се плати за три месеци однапред, па поради тоа се упативме во Охрид. Сакаме што поскоро да се вратиме дома, изјави Олга Косиченко.

Двете украински семејства се надеваат што побрзо да се вратат во својата татковина и да заврши што побрзо војната.

Н.С.Ј.