Покрај германската компанија која произведува делови од автомобилската индустрија, уште две фирми се заинтересирани да инвестираат во дел од погоните на ЕМО Охрид, информира градоначалникот Никола Бакрачески. Едната е компанија од соседството која би извршила рестартирање на производството во делот на челичните конструкции и далеководи и компанија од Европската унија која би инвестирала во производство на трансформатори.
– Преговорите на владата со овие две компании сепак се условени од конечната одлука на германската компанија која произведува делови за автомобилската индустрија и каде треба да се вработаат од 800 до 1000 луѓе, при што предност би имале вработените во ЕМО. Откако ќе се прецизираат поединостите со оваа компанија во однос на погоните кои ќе се користат, ќе се утврдуваат деталите со останатите две компании од кои едната би вработила околу 200 луѓе, а другата од 200 до 300. Сепак да почекаме, не би шпекулирал со бројки, штом се утврдат поединостите јавноста ќе биде запознаена, рече градоначалникот кој денес оствари средба со претставници од синдикатот на ЕМО- Охрид.
На средбата освен за можностите за ангажирање на вработените во компаниите кои се заинтересирани да инвестираат во дел од погоните од компанијата, стана збор и за останатите прашања и проблеми со кои се соочуваат вработените во изминатите неколку години.
– Наш предлог беше ако е можно да се изнајде решение за изготвување на одреден пакет за исплата на плати и придонеси, да се реши проблемот со идниот статус на вработените- дали ќе продолжи со работа компанијата или ќе оди во стечај и третиот предлог се однесува на вработените кои поради неисплатени придонеси не успеаја да влезат во стечајната маса, изјави Драган Цветаноски од општинскиот синдикат.
Станува збор за 50 до 70 вработени за кои не биле исплатени придонеси поради што тие не биле дел од стечајната маса за што крајниот датум беше 31 декември 2013. Со тоа не го исполнале условот- ако имаат повеќе од 25 години работен стаж да добијат стечаен надоместок до нивното пензионирање или ново вработување.
– Ќе се заложам да се изнајдат можности и да се исплатат тие придонеси кои неоправдано им биле изостанати. Моја обврска како градоначалник е вработените да ги остварат своите права предвидени со законот за работни односи. Изминатиот период сум во постојана комуникација со надлежните институции, владата и менаџерскиот тим на ЕМО. И понатака ќе продолжам секогаш кога имам можност да делувам и да придонесам кон решавање на проблемите. Владата во изминатиот период веќе интервенираше со два финансиски пакети со кои беа исплатени дел од плати и придонеси, се надевам дека тој тренд на грижа ќе продолжи, додаде Бакрачески.
Претставниците на синдикатот на ЕМО Охрид неодамна одржаа мирен протест со цел преку локалната власт да ја анимираат и централната која е одговорна за решавање на статусот на ЕМО.
Т.К.