Bо “Emerald Reception” во Томастаун, Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ изминатиот викенд го одржа традиционалниот и надалеку познат бал, на кој оваа година настапија доајенот на македонската народна музика Наум Петрески,  заедно со Оливера Коцева и Милован Секулоски, а во инструментална придружба на извонредните музичари Џеват Рамаданоски (виолина и тамбура), Стефче Стојковски (кавал, зурла и гајда), Душко Божиновски (хармоника), Круме Милески (клавијатури) и Живко Ѓоргиевски (тапани), пренесува австралискиот неделник на македонската заедница „Australian Macedonian Weekly & Today“.

На присутните им се обрати Васко Ангеловски, кој истакна дека Охридското социјално друштво со големо задоволство и одговорност го носи името на својот патрон „Св. Наум Охридски’ и ќе продолжи со својата културно-хуманитарна активност за добробит и промоција на историските, културните и традиционални вредности и богатства на Охрид и Македонија.

Тој им изрази благодарност на сегашните и членовите на поранешните управни одбори, како и на сите донатори и помагатели на активностите на друштвото.

За обичаите се погрижија кумовите на прославата Митко и Весна Караѓуле со фамилијата. Наредната година таа чест ќе ја има фамилијата на Дончо Каневче.

Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ преку донации редовно помага институции и и ранливи категории граѓани во Охрид.

OhridNews
фото: Australian Macedonian Weekly & Today