По германскиот инвеститор „ODW ELEKTRIK“ кој наскоро ќе отвори фабрика во Охрид, уште една германска компанија од автомобилската индустрија е заинтересирана за инвестирање во Охридскиот регион.
Според неофицијални извори дознаваме дека дел од менаџерскиот тим на оваа фирма заедно со претставници на Дирекцијата за слободни економски зони од Република Македонија пред околу 15-тина дена биле во Охрид, со цел да ги разгледаат можностите и условите за инвестирање кои ги нуди овој регион.
-Се работи за компанија која произведува електрични инсталации за автомобили. Компанијата во моментов ги испитува можностите за инвестирање во Југоисточна Европа. Освен во Охрид тие прават истражување на пазарот и во Бугарија, но ги рагледуваат можностите и во неколку други македонски индустриски зони. При посетата во Охрид, освен рагледување на можните локации за инвестирање, беше посетен и Центарот за вработување, каде што се направи увид во квалификациите на невработените охриѓани и нивното работно искуство, вели нашиот неофицијален извор.
Tој потенцира дека оваа странска компанија сеуште нема дефинитивно одлучено каде ќе инвестира и дека таа информација ќе биде позната наскоро.
Од Центарот за вработување во Охрид ни потврдија дека претставници на менаџерскиот тим од германска компанија побарала информации за пазарот на труд во Охрид.
-Точно е дека претставници на уште една германска компанијата беа во посета на Центарот за вработување, но се направија само првични разговори и нема ништо конкретно како информација. Тие во суштина се интересираа за потенцијалната работната сила во регионот односно правеа првична сондажа за тоа дали во регионот има квалифицирани работници кои би одговарале на нивната фирма, не информираше во телефонски разговор Јован Баткоски, раководител на Центарот за вработување во Охрид.
Тој нагласи дека од Центарот за вработување е побарана само сервисна информација и дека истиот не е вклучен во ниеден друг процес за договарање со потенцијалниот странски инвеститор ниту пак има некакви можности за одлучување.
Е.М