Познатиот охридски уметник Јордан Манасијески утре, 5 септември, пред охридската публика ќе се претстави со изложбата „Уште една средба со светлината“, која ќе биде отворена во Галеријата на Куќата на Уранија – МАНУ во Охрид.

Свеченото отворање е закажано за 20:30 часот, а изложбата ќе ја отворат еминентниот македонски писател и дипломат Јордан Плевнеш и историчарот на уметност Владо Ѓорески – Рафик. Модератор на настанот ќе биде Љупчо Жупан од Галеријата „Букефал“.

Осврнувајќи се на творештвото на Манасијески, Ѓорески посочува дека неговото сликарство одамна ги надминува границите на ликовноста сфатена само како естетски и творечки чин, оценувајќи дека „Манасиески не е само сликар, тој преку сликарството го открива Универзумот“.

Уште една средба со светлината“ го носи посетителот во препознатливиот творечки свет на Манасиески, во кој светлината не е само ликовен елемент, туку духовна и универзална категорија. Токму на тоа се осврнува и Ѓорески во својот критички запис, оценувајќи дека сликарството на Манасиески е „длабоко понирање кон сите невидливи спектри на светлината, вели Владо Ѓорески – Рафик.

Манасијески зад себе има повеќе од половина век творештво и богат уметнички опус. Неговата уметност била претставена во Токио, Њујорк, Венеција, Фиренца, Париз, Охрид, Верона, Палермо и други светски уметнички центри. Добитник е на повеќе меѓународни признанија, меѓу кои наградата „Микеланџело“, награда од жирито на Биеналето на нациите во Венеција, како и признание од Јапонската асоцијација на современа уметност.

Минатата година, кога одбележа 55 години уметничко творештво, Манасијески беше добитник и на Признанието за трајни вредности за 2025 година, што го доделува OhridNews.

Изложбата „Уште една средба со светлината“ ќе биде поставена во Куќата на Уранија од 5 до 30 септември 2026 година.

Г.М.