Со традиционален коктел на кој присуствува бројни граѓани и соработници, општинскиот Црвен крст го одбележа завршувањето на годината. Како што велат, задоволни се од сработеното во 2016, од реализираните хуманитарни акции со кои се спасени многу човечки животи и им е помогнато на ранливите категории граѓани.
– Завршуваме уште една успешна година со бројни активности кои покажаа и докажаа дека навистина бевме посветени со сето свое знаење и труд на ранливата категорија на граѓани, без оглед за која област се работи, дали социјално хуманитарната, здравствената превенција, подготвеноста и дејствувањето при катастрофи, работата со младите, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Точков искажа голема благодарност до над 1000 волонтери кои биле вклучени во бројните активности, вработените и медиумите за искажаната поддршка. Неговите очекувања за наредната година се дека ќе имаат доста работа, но дека сепак ќе преовладеат моралните, општествени вредности и навики за да се излезе од нарушените вредности кои се се почести.
Меѓу приоритетите на општинскиот Црвен крст за 2017 година е воспоставување на систем за спасување.
– Спасителна служба која ќе биде постојано активна, 24 часа, ќе може да опслужува независно дали е вода или планина. Направивме чекори и тие се позитивни, но од страна на меѓународните институции. Очекуваме дека и од наша страна, институциите, пред се локалната самоуправа и оние кои можат да бидат во тој ланец во насока на спасување на човечки животи, ќе помогнат и Охрид ќе покаже дека е безбедна дестинација, потенцира Точков.
Општинскиот Црвен крст располага со човечки капацитети за оваа цел, ресурси, опрема, но она што е важно, како што вели претседателот на Црвен крст Охрид, е таа професионална служба која ќе брои 4 до 5 луѓе да биде поддржана од локалната самоуправа, со цел воспоставување и фунционирање на тој систем.
Т.К.