Параглајдерист од Унгарија на возраст од 39 години, го загуби животот во несреќата што се случи вчера на плажа во Љубаништа. На местото на настанот извршен е увид од страна на јавен обвинител и полицијата, а истрагата треба да ги утврди причините за несреќата. Според очевидци тој летал од планината Галичица и најверојатно поради проблеми со параглајдерот паднал од висина од околу двесте метри во вода непосредно до брегот. Со глисер веднаш бил извлечен на плажата каде прва помош му пружиле обучени спасители на вода од Црвениот крст, но ниту тие ниту брзата помош која пристигнала потоа не успеале да го спасат животот на несреќниот Унгарец. Тој боледувал од ретка болест за што по несреќата ги информирал спасителите.
Трагичниот настан кој се случи во Љубаништа уште еднаш го отвори прашањето за потребата од постоење на специјализирана и добро опремена медицинска служба која за кратко време ќе биде во можност да пристигне каде што за тоа ќе има потреба, како што тоа беше случај вчера. Граѓаните, сведоци на немилиот настан во Љубаништа се револтирани поради тоа што нема екипи за брза интервенција на охридското крајбрежје, посочувајќи дека животот на унгарскиот парагладерист можеби можело да биде спасен.
–Да беше интервенцијата побрза или да имаше некоја амбуланта во близина на Љубаништа ќе беше сигурно спасен човечкиот живот.-изјави за OhridNews очевидец на настанот.
Од Здравствениот дом во Охрид под чија надлежност е службата за брза помош, спротивно на изјавите на очевидци дека лекарската екипа ненавремено пристигнала во Љубаништа, тврдат дека на местото на несреќата таа била за 20 минути.
-Ве информираме дека повикот е примен во 12:25 часот и дека екипата на ИМП Охрид за помалку од 20 минути пристигна во кампот Љубаништа и интервенира.-стои во соопштението.
Но, освен по земен пат, кој во летниот период е исклучително фрекфентен, медицинските екипи до местата кои ги посетуваат туристите и граѓаните на езерската ривиера немаат како на друг начин да пристапат. Иако е голем туристички центар, Охрид нема ургентен центар, па било тоа да е од сезонкси карактер, медицинските установи немаат хеликоптер за брзи интервенции, ниту брзи чамци на вода иако на брегот од езерото се лоцирани две специјални болници.
Брод амбуланта на Црвениот крст во изминатите три години со екипа волонтери се грижеше за здравјето на присутните на плажите, но поради недостиг на средства за гориво и одржување и немање слух од страна на надлежните институции на локално и централно ниво, оваа година тој не исплови на Охридското Езеро.
-Нашите апели секоја година се исти и на истите институции се однесуваат. Очекуваме и се надеваме дека во иднина животот ќе биде пред се и дека нема да се штеди и дека ќе се насочат тие средства за воспоставување на потполна безбедност на сите на кои им нудиме и летање со параглајдер и други погодности на плажите.-вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.
Точков потсетува дека пред 1990-те години во сите туристички места на охридското крајбрежје, во камповите и другите поголеми туристички комплекси и населени места, вклучително и Љубаништа имаше амбуланти. Доколку се изврши соодветна анализа и се покаже дека е потребна таква организација на здравствената помош во летната сезона на охридското крајбрежје Црвениот крст е тука да помогне со својата логистика, додава Точков.
Г. Момироски