Од владата информираат дека постои голем интерес за откуп на дворно место за едно евро квадрат. Од септември лани, кога стартуваше продажбата на државното земјиште по минимална цена, па заклучно со ноември оваа година биле поднесени вкупно 30.060 барања од физички лица, од кои 27.000 веќе биле решени.
Процесот на приватизација на државното земјиште се одвива бавно уште од почетокот на целиот процес. Освен цената, која реално беше многу висока, па мнозинството граѓани не беа во можност да ја платат, голема пречка претставуваше обемната документација неопходна за утврдување на фактичката состојба на земјиштето, како и долгата процедура во подрачните единици. Државата ја намали цената на квадратот земјиште, што, сепак, не го зголеми многу интересот за откуп на дворовите. Тоа само покажа дека голем проблем претставуваат сложената постапка и обемната документација.