Во текот на оваа седмица истекува рокот за аплицирање за стипендиите за талентирани ученици, кои Министерството за образование и наука ги доделува за учебната 2011/2012.

Право на стипендијата, која ќе изнесува 1.500 денари месечно,  имаат учениците од  јавните и приватните средни училишта во Република Македонија. Критериуми за доделување на овој паричен надоместок се континуиран успех остварен во текот на школувањето од просек  4,00,  освоена награда на државни или меѓународни натпревари од областа на науката, техниката, културата и уметноста и материјалната состојба на семејството.

Според планираното ќе бидат доделени 400 вакви стипендии, а учениците кои сакаат да се пријават на конкурсот, треба да ја пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот http://stipendii.mon.gov.mk,  најдоцна  до 29-ти декември 2011 година.

Паралелно со овој конкурс Министерството за образование го објави и конкурсот за стипендирање на 50 екстра талентирани ученици, како и конкурсите за стипендирање на ученици спортисти, ученици со посебни потреби и деца без родители.

OhridNews