17-ти ноември е вистинскиот празник за охриѓани. Вљубениците во театaрот, глумата, комедијата, без разлика на својата професија и политичка припадност, ќе можат во живо да го проследат долго најавуваниот станд-ап спектакл на охридскиот актер Никола Тодороски, во чии рамки во живо ќе се снима популарната веб серија „Идиотека 3“. Во 20 часот во сабота, ден за кој долго ќе се зборува, вратите на Центарот за култура ќе бидат отворени за сите љубители на креативниот хумор.

Харизматичниот Никола Тодороски, специјално за најпосетуваниот електронски весник, како што самиот рече, открива дел од деталите кои ќе се случуваат на 17-ти ноември.

Во сабота во Центарот за Култура во Охрид, со почеток од 20 часот, ќе го организираме досега најголемиот стенд ап настан во градот, насловен како „Идиотека 3“. Овојпат концептот ќе биде сосема нов. Сите епизоди кои се дел од „Идиотека 3“ ќе бидат снимени во живо, токму на овој настан. Снимaниот материјал ќе биде поделен на 15 дела – епизоди, кои премиерно наскоро ќе се прикажуваат секој петок на интернет порталот OhridNews“ – вели Никола.


550 охриѓани ќе имаат можност да присуствуваат на настанот. Конечно се оствари желбата на љубителите на културата, еден ваков спектакл да биде изведен на големата сцена во Центарот за култура. „Заинтересираноста е голема, а продажбата на карти оди одлично. Мислам дека охридската публика ќе има можност да види добра стенд-ап комедија. До сега сме добивале прашања зошто не сум настапил во големата сала. Сега сме решени, дека ваков голем настан заслужува да биде изведен токму на таа голема сцена. Клиповите се интересни, но кога нештото се гледа во друштво од 550 луѓе е поинтересно и пореално“ – додава Тодороски.


Во однос на темите, кои ќе бидат опфатени како дел од „Идиотека 3“, Тодороски не открива премногу детали што точно ќе се случува на сцената. Само потенцира дека во тој еден час шоу, публиката ќе придонесе за промена на матeријалот. „Не сакам точно да откријам кои теми ќе бидат опфатени. Ова е нов матeријал, кој досега не е изведен никаде, на ниту едно место. Охриѓани ќе ја имаат таа чест, први да бидат запознаени со него. Се надевам дека ќе успеам да ги насмеам до солзи. До самиот момент ќе има промени на она што ќе треба да го изведам. Но ништо не е забетонирано, а импровизациите се дел од квалитетот на овој серијал.“ – вели Тодороски.


Инаку, оваа година Никола настапи на еден од најпопуларните фестивали во Словенија, „ЛЕН“, кој е сличен на нашето „Охридско Лето“. „Имав прилика да настапам дури два пати во Словенија, во Марибор. На овој фестивал, имаше посебна сцена за станд-ап комедијата, што говори за големата подршка што ја добиваат уметниците во оваа земја. Настап имаа голем број познати комичари од Балканот, но и од европските земји. Добра идеја е да се направи вакво нешто и кај нас, и тоа во текот на туристичката сезона. Јас сум максимално подготвен за еден таков предизвик“ – додава Тодороски.


И скопјани два дена по спектаклот во Охрид, ќе можат да се уверат во квалитетите на охридскиот станд-ап комичар. „На 19-ти  во Универзалната сала, ќе имаат можност да ме видат околу 1500 гледачи. Тоа е материјал кој е изведуван во текот на годината, но за прв пат во нашиот главен град. Лично за мене како актер и комичар, тоа претставува чекор плус. Моментално се приготвувам паралелно, како за настапот во Охрид, така и за овој во Скопје. Стенд-ап комедијата е различна од театарскиот жанр. Таму си сам, ги претставуваш своите ставови и мора да е смешно. Тоа е предизвик што ме држи во кондиција и форма. Прво е важно темата да е блиска до мене, и секако блиска до публиката. Мило ми е кога ќе слушнам дека луѓето се препознаваат во дел од моите реплики “ – завршува Тодороски.

Љубителите на стенд ап комедијата и креативниот хумор со нетрпение го чекаат 17-ти ноември, и настапот на Никола Тодороски во Центарот за култура во Охрид. Спектаклот на годината е дозволен само за публика над 14 години! Почетокот на шоуто е 20 часот, а влезници можат да се набават во тобако „Фибос“ (трафичено сред чарчија), „Зи зи топ“ и на касата на Центарот за култура „Григор Прличев“ по цена од 150 денари.

О.Т