Филмот “Господ постои, името и’ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска се закити со уште три престижни награди. На штотуку завршениот фестивал All About Freedom Festival www.ecs.gda.pl, “Господ постои, името и’ е Петрунија” ја доби главната награда за најдобар филм. Фестивалот се одвива во Гданск, Полска и е поддржан од Европската комисија. Главната награда која ја освои Петрунија е парична во вредност од 7000 евра. Полскиот дистрибутер на филмот Aurora films планира да ја започне дистрибуцијата во Полска на почетокот на следната година.

На Тузла Филмскиот Фестивал во Босна и Херцеговина “Господ постои, името и’ е Петрунија” ја освои главната награда Златната Вила за најдобар филм.

Уште едно признание, овојпат за главната актерка доаѓа од штотуку завршениот Македонски филмски фестивал во Торонто, каде Зорица Нушева ја освои наградата за најдобра женска улога.

Во месец октомври, Петрунија патува дури на десет фестивали ширум светот, со што веќе се приближува на околу седумдесет фестивалски прикажувања.

Филмот до сега има освоено 25 награди.

OhridNews