Уште тројца од повредените македонски патници во автобуската несреќа во Бугарија се очекува да пристигнат денеска, откако двајца во саботата беа хоспитализирани во Универзитетскиот Клинички Центар „Мајка Тереза” во Скопје. Како што информираше министерот за здравство, Венко Филипче, двајцата се стабилни, со полесни повреди и ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Хоспитализираните пациенти во Скопје се пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма” во Република Бугарија при која преживеаја седуммина од вкупно 52 патници.

Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат, ќе бидат хоспитализирани, по што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман, изјави Филипче во саботата, кој додаде дека пристигнале колегите од психијатрија со цел да се даде и психолошка помош.

Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче рече дека сегашната најава е дека тројца други пациенти треба да пристигнат денеска.

Сите се во стабилна состојба и сите се со полесни повреди, освен едниот пациент кој имаше два хируршки зафати, еден поради скршеница на потколеницата и друг поради нешто посериозно, скршеница на два пршлени, и тој е во стабилна состојба, така што сите овие останати имаат повреди кои се во сферата на пластичната хирургија – посекотини, нагмечувања и така натаму, а тој пациент во сферата на трауматологијата, додаде Филипче.

OhridNews