Денеска во просториите при Факултетот за туризам и угостителство во Охрид (ФТУ) започна традиционалната XII Меѓународна научна конференција за услужен сектор.

Главната цел на овој дводневен настан е да се отвори дискусија помеѓу експертите, истражувачите, академскиот кадар и професионалците, како овој сектор би можел да се адаптира на новите начини кои ги носи времето, односно предизвиците со кои се соочува современиот туризам.

Првиот ден е посветен на теоријата, додека вториот на праксата. Еден од главните реферати кои денес ќе ги дава е професорот за туризам од Франција, Христијан Лунги, кој ќе не запознае со користењето јавни податоци во функција на туризмот. Утре имаме тркалезна маса, каде ќе се соочиме ние како истражувачи со оние кои во реалниот сектор работат и ги знаат предизвиците. Се разбира, тоа ќе бидат делови кои значат насоки на она што е иднина во хотелската индустрија.“ – истакна деканот на ФТУ Охрид, професор д- р Сашо Коруноски, кој воедно се јавува како домаќин и организатор на оваа Меѓународна конференција.

Професор д-р Јагода Стрезоска, потенцира дека вратите на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се широко отворени за сите оние кои имаат интерес за соработка и размена на научните искуства од областа на услужниот сектор.

Македонија е надалеку позната по гостопримството. Затоа почитувани, чувствувајте се пријатно како да сте дома и нека оваа конференција даде значаен придонес во развојот на науката.“ – потенцира Стрезоска.

Во името на градоначалникот Никола Бакрачески, пред присутните се обрати раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов, кој истакна дека обемот на темите кои се опфатени на оваа конференција ќе ги прошират видиците, знаењето и искуството важно за планирање и управување со оддржливиот развој на туризмот.

Сакам да ја потенцирам огромната соработка која во изминатиов период е интензивирана со Факултетот за туризам и угостителство, која веќе се презентира со имплементација на определени проекти и подготовка на заеднички апликации. Се надевам дека и понатака оваа соработка ќе ја надградиме и верувам дека вие, ФТУ, ќе бидете и понатака нашиот водич и коректор во планирањето и имплементацијата на оддржливиот развој на туризмот.“ – истакна Апостолов.

Претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески, изрази желба дека Факултетот за туризам и угостителство од Охрид во иднина ќе биде дел од новиот универзитет, кој ќе ги обедини сите високообразовни институции во охридско-струшкиот регион.

Во името на туристичката индустрија и услужниот сектор од БАХА, кој е основан токму во Охрид и признат како главен град на туризмот на Балканот, се надевам дека ФТУ ќе биде дел од нешто ново што ќе се случи во Охрид, новиот универзитет кој ќе ги обедини високообразовните институции во овој регион.“ – потенцира Танески.

Една од главните теми кои се во рамките на оваа традиционална конференција е делот посветен на осигурувањето.

Паралелно со развојот на осигурителната индустрија треба да се развие и научната мисла. Затоа Агенцијата за супервизија на осигурување, со цел да го пормовира развој на научната мисла, секоја година доделува награда за најдобар млад истражувачки труд од областа на управувањето со ризици во осигурувањето. Се надевам дека денес и утре ќе имаме успешни трудови, ќе слушнеме кои се најновите трендови на научната мисла во делот на услужниот сектор.“ – истакна директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување, проф. д-р Климе Попоски.

Инаку, во рамките на 12-тата Меѓународна научна конференција за услужен сектор, беа доделени признанија и благодарници од страна на БАХА.

О.Т.