Проектот за реконструкција на Кеј „Македонија“, кој веќе има решение за правосилност, ќе биде реализиран во согласност со насоките на УНЕСКО и нема да отстапува од сегашниот габарит. Ова во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ го истакна градоначалникот на Охрид Константин Георгиески. Тој откри детаљи околу реализацијата на овој проект, за кој Владата неодамна на Општина Охрид и додели 38 милиони денари.

Проектот предвидува покрај самиот стар кеј да се постават армирано-бетонски конструкции од 80 сантиметри и над нив да се постави врзна греда. Зошто е тоа така испроектирано? За да нема отстранување на стариот кеј, но и да ја отстраниме опасноста кога ќе се руши стариот кеј дел од стариот градежниот шут да навлезе во езерото. Меѓутоа ние го дискутиравме тоа со Реактивната мисија, го испративме проектот до УНЕСКО и бидејќи имавме цела една година ние го преправивме проектот. Еден метар од Кеј „Македонија“ ќе се отстранува, ќе се постават армирано бетонските конструкции, тоа е нотирано во забелешките, и нема да има зголемување на димензиите на кејот. Значи димензијата на кејот останува иста. – изјави градоначалникот Георгиески.

Вкупната вредност на проектот се проценува на 83 милиони денари.

OhridNews