Институциите на Европската Унија во следниот мандат ќе ги водат народната партија и социјалдемократите, но ќе мора да се вклучат и либералите, кои постигнаа голем успех за бројот на местата на изборите кои завршија вчера, покажаа резултатите од изборите за Европскиот парламент (ЕП).

Последните прелиминарни резултати за Европскиот парламент покажаа дека првите места во оваа институција ги задржаа традиционалните партии на десниот и левиот центар, но дека претрпеле сериозна загуба во бројот на пратеници во парламентот. Либералите постигнаа значителен пораст, додека во Франција, Италија и Унгарија доминираат десничарите.

Европската народна партија добила 178 места, социјалистите и демократите 152, Либералната алијанса и демократите плус три национални партии 108, Зелените 67, Европски конзервативци и реформисти 61, Европа на нации и слобода 55, Европа на слобода и директна демократија (Движење 5 ѕвезди + партија за брегзит) 53, Европската обединета левица/Северна зелена левица 39, Независни парламентарци седум и други 31.

Две најсилни партии остануваат Европската народна партија со 178 мандати (38 помалку од досега) и социјалистите со 153 пратеници (34 помалку отколку во досегашниот состав). Либералите (АЛДЕ) се трета политичка сила, кои заедно со пратениците од листата на францускиот претседател Емануел Макрон имаат 109 мандати (40 повеќе од досега). Зелените добија 64 мандати, односно 12 повеќе од досега. Францускиот претседател Емануел Макрон, еден од најголемите поддржувачи на продолжување на европскиот проект, загуби во дуелот со екстреманата десница на Марин ле Пен. Ултрадесничарите од Национален собир на Ле Пен победија со мала предност пред партијата на Макрон добивајќи 23,5 отсто гласови наспроти 22,5 отсто на партијата на Макрон.

На изборите излегоа повеќе од 51 отсто од гласачите во ЕУ, што е најмногу од првите директни избори во 1979 година, кога одзивот беше речиси 62 отсто и оттогаш е во опаѓање. Пред пет години на гласачките места излегоа само 42, 61 отсто од Европејците со право на глас.

Бидејќи ниту една од традиционалните партии не може да има мнозинство во парламентот, тие ја потврдија својата подготвеност да соработуваат со блиски партии за благосостојбата на Европа. Претставниците на народната партија и социјалдемократите ја потврдија подготвеноста да работат заедно и да ги вклучат либералите во утврдувањето на програмата за следните пет години.