Забележителен настап на Бреинобреин генијалците од Центарот за развивање на животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид на првиот Национален Бреинобреин натпревар „БОБ ФЕСТ Србија 2018“ што се одржа во Белград.

Како посебни гости во демо програмата на натпреварот, 22 деца кои го следат деветтото и десеттото ниво на Бреинобреин програмата во центарот  БОБ-Црвен крст Охрид, се претставија со мултимедијален перформанс „Грдото пајче“ преку кој ги презентираа стекнатите вештини и знаења за мултитаскинг и визуелно, без употреба на абакус, во исто време пресметуваа математички операции (собирање, одземање, множење и делење) на двоцифрени и троцифрени броеви, за што добија огромен аплауз од публиката и посебни награди од организаторот и амбасадорката на Индија во Србија.

На овој настан присуствуваше и светскиот мастер франшизер и основач на Бреинобреин програмата Ананд Субраманиан кој уште еднаш го истакна Центарот за развивање на животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид како прв отворен центар на Балканот и најуспешен во регионот.

Покрај официјалниот дел, децата од БОБ-Црвен крст Охрид ги разгледаа знаменитостите на Белград, а проследија и детстка театарска претстава.

OhridNews