Основното музичко училиште „Методи Патче“ со уште еден успех. Виолинистите: Даниел Мојсоски и Александар Грунчески од класата на професор Елица Џуклеска и виолинстот Бајрам Рамаданоски од класата на професор Мухамед Бајрам учествуваа на два концерти во Блед и Љубљана, во рамките на проектот „ Концерт на 100 млади“ .

Директорката на училиштето м-р Нина Момировска, изразува задоволство од изведбата и учеството на младите виолинисти од Охрид.

Ваквите средби се од големо значење за младите музичари, но и за рејтингот на охридското училиште кое последниве години интензивно комуницира со светот – преку универзалниот јазик на музиката, вели Момироска.

Ваков концерт во Блед досега не се одржал. Седумдесет млади музичари на сцената и полна сала, поздравена и од страна на градоначалникот на Блед , Јанез Фајфар. Салата беше претесна за сите кои сакаа да го видат „Оркестарот од 100 млади“ кој годинава беше составен од млади музичари од : Италија, Словенија, Србија и Македонија. За жал многу останаа надвор од салата. Проектот пред пет години го покренаа Рита д’ Арензо и Гордан Ранчиќ од „Гала Евенти“ и ги здружува младите музичари од различни земји. На почетокот во оркестарот членувале музичари од музички училишта од Италија и Србија, во 2012 година им се придружил Музичкиот центар „До-ре – ми “ од Блед , во 2013  Музичкото училиште од Десензан и  конечно оваа година Музичките училишта „Јосип Славенски“ од Белград и „Методи Патче“ од Охрид, пишуваат медиумите во Словенија по концертите во Блед и ден пред тоа во Љубљана во концертната сала на  Словенечката филхармонија.  

Кога тргнавме со идејата  за Интернационален  оркестар, се надевавме дека тимот од млади луѓе ќе може лесно да стигне до ова што го слушавме и што го почувствуваме денес. Значи, нашата желба се оствари“, вели Рита  д’ Арензо, креаторката на проектот, која додава дека  преку меѓусебната комуникација меѓу младите музичари кои во текот на една недела работат и го подготвуваат концертот ги вкрстуваат различните методи на учење и интерпретациите на музиката.

Концертот беше поделен на два дела. Во првиот младите музичари изведоа композиции од класичната музика , а во вториот дел, познати музички теми од филмовите , како и дела од современи автори.

Во август во рамките на проектот „Концерт на 100 млади “ кој Општина Охрид го реализира со партнери од неколку европски држави, а во кој се вклучени ученици од ОМУ „Методи Патче“ тие настапија во Белград и Нови Сад – Србија. Според кординаторот на проектот Антонио Балевски идејата за  овој благороден проект паднала на едно од заседанијата на Асоцијацијата на градови со езера каде што Охрид членува од неодамна.

Општина Охрид и ОМУ „Методи Патче“ заеднички се подготвуваат проектот да го продолжат во следните две години.  

OhridNews