Претставници од НУ библиотека “Григор Прличев“-Охрид беа во неколкудневна посета на градот Птуј-Словенија. Целта на посетата беше реализација на последната етапа од проектот кој го реализираа седум збратимени библиотеки, а истиот беше финансиран од програмата “Култура Марибор 2012“.

 
– Станува збор за проект од меѓународен карактер во кој беа вклучени библиотеки од Словенија, Хрватска, Франција, Германија, Словачка, Србија и на наше огромно задоволствто од Македонија, односно имаше претставници токму од нашата установа. Покрај претставници од библиотеките и општините, имаше и дипломатски претставници од секоја од земјите учеснички, како и Државниот секретар за култура на Република Словенија, информира директорката на охридската библиотека, Александра Белеска .

Од страна на познат словенечки актер, на македонски јазик биле изрецитирани стихови од творештвото на познатиот холандски писател Ден Долард, а позитивни реакции следувале и по предавањето на директорката Белеска за културата, обичаите и традицијата во Охрид, при што бил направен посебен осврт на работата и историскиот развој на библиотеката од нејзиното основање до денес.

– Жалам што локалната самоуправа од Охрид не учествуваше ниту во изработката на материјалот кој се однесуваше на презентацијата на Охрид, ниту со репрезентативни материјали, а проектот нудеше одлична можност за презентација на градов и за развој на туризмот. Целокупниот престој беше финансиран од нашите домакини, вели Белеска.

OhridNews