Учениците од проектна активност – драма од охридската гимназија на Меѓународната театарска работилница во Вансе кај Берлин покажаа завидни вештини и талент. Тоа го потврдија и нивните ментори – професори и уметници од Германија и Полска кои беа изненадени од леснотијата со која децата од Охрид го совладаа курсот по театарски танц и глума, како и од нивните перформанси што сами ги осмислија во текот на деветте дена минати на Вансе-Форумот.
Станува збор за интензивна настава спроведена во две категории и тоа по актерство и танц, во чии рамки се работеше според текстот на песната „Почетокот на крајот“ на полскиот поет, нобеловецот Чеслав Милош.
Децата од охридската гимназија во мешани групи со нивни врсници од Германија, Полска и Авганистан, врз основа на дадена содржина требаше самите да осмислат сценарио, да поделат улоги и преку уметнички израз да ги доловат нивните видувања на односната тема.
Успехот на нивната работа го потврди нивниот ментор по глума, Катрин Годеке.
– Оваа група ги надмина сите мои очекувања, бидејќи вообичаено е потребно време децата да се поврзат, некогаш се срамежливи…Во оваа група децата веднаш ги отворија своите срца, почнаа да соработуваат да се дружат уште од самиот почеток. Кога ги гледате сега одстрана, неможете да поверувате дека се познаваат само неколку дена, веќе се толку блиски, поврзани меѓу себе и надминувајќи ги своите разлики ги прославуваат своите сличности….
– Македонските деца беа одлични, завршија одлична работа. Можев да видам дека веќе имаа одредени познавања и искуства во областа на театарската уметност и танцот стекнати преку активности спроведени претходно во нивните училишта. Силни се личности, отворени за учење нови методологии, бидејќи лично сметам дека нашите уметници имаат поинаков пристап при работа со младите актери и танчери. Тоа за нив не беше никаков проблем, едноставно се втурнаа во работа и она што го сработија навистина излезе прекрасно, додаде таа.
Во рамки на проектот, децата од Охрид организирано од страна на домаќинот имаа можност да одгледаат претстава во еден од трите најпознати театри во Берлин, модернистичка верзија на „Антигона“ на Софокле.
Покрај работниот дел и обиколкатана културно-историските знамнитости на Берлин, престојот во Германија беше извонредна прилика учениците меѓусебно да се запознаат, да научат нешто повеќе за нивните врсници од другите земји, да разменат искуства, да се дружат и забаввуваат.
Проектот беше реализиран на „Wansee“ – форумот од Берлин, со финансиска поддршка на Владата на Сојузна Република Германија и Градот Берлин, како и Секторот за образование на охридската локална самоуправа. Идејата за учество на нашите деца беше иницирана од актерите Горан Стојаноски и Јасмина Билаловиќ од Охридскиот театар, додека сите останати активности во рамки на проектот ги сработи Ирена Бачиќ, професор по македонски јазик во гимназијата „Свети Климент Охридски“.