И оваа година ученици и наставници од општинското охридско училиште „Ванчо Николески“–Лескоец, на покана од збратименото училиште во Лесковац-Србија, отпатуваа за да бидат дел од патрониот празник на училиштето  „Светозар Марковиќ“.

Седум наставници и десет ученици од ОУ „Ванчо Николески“ со свои подготвени проекти учествуваа на прославата по повод 114 годишнината од основањето на училиштето „Светозар Марковиќ“ кое важи за најстаро, со ученици најбројно и едно од најуспешните училишта во јужниот регионот на Република Србија.

Во тридневниот престој македонските ученици и наставници, имаа можност да се запознаат со домаќините и да ги прошират и збогатат своите познанства, учествувајќи во повеќе работилници, презентации и  на главната прослава која се одржа во Народното Позориште во Лесковац.

Во  рамки на свечената приредба, учествуваа и деветтоодделенците од село Косел-членови на Драмската секција кои под менторство и авторство на наставникот по македонски јазик, професорот Димче Донески, ја изведоа  драмската претстава „Идеме си за Лесковац“.

Оваа драма напишана во чест на домаќините, членовите на Драмската секција од подрачното училиште во Косел, ја одиграа на лесковачко-лескоечки дијалект. Честите и долги аплаузи на публиката со кои беше „прекинувана“ претставата беа доказ дека македонските ученици одлично се претставија на српската сцена и достојно го претставија училиштето „Ванчо Николески“ од Лескоец, градот Охрид и Македонија.

Во рамките на овогодишната јубилејна средба на збратимените училишта беше презентиран  и  проектот „Едно побратимство – 1000 слики“ инициран од страна на двете директорки на збратимените училишта, Тамара Јанковиќ и Елена Ел Нади, од претходната средба во Охрид, при што училиштето од Лескоец  презентираше 1000 фотографии на кои беа избрани моменти од петгодишното дружење меѓу двете училишта. Минатата година беше реализиран проектот „Сто и една книга за побратимите“, а за следната година учениците од „Ванчо Николески“ планираат проект со наслов „Најдобрите 100 изворни македонски песни“.

OhridNews