Утревечер, со пригодна свеченост, во хотел Дрим- Струга и официјално ќе започне со работа првиот Сороптимист клуб во нашата земја, во кој членуваат 21 жена од Струга и Охрид, сопственици на бизниси, вработени и активни волонтери препознаени во својата заедница.

На свечената Инаугурација на Клубот, ќе бидат присутни претставници од клубови од Италија кои ќе бидат ментори во првата година од постоењето на клубот, заменик претседателката на Европската Федерација на Сороптимист,  Лена Витанеми  и претставнички од Бугарската унија.

Ианку, Сороптимист е интернационална организација за жени од различни професии, кои имаат цел да го подобрат животот на жените и девојките во светот преку зајакнување на свеста, застапување и превземање конкретни акции. Првиот Сороптимист Клуб е формиран 1921 во САД. Во моментов, во светот   има околу 3000 клубови присутни во 125 земји.

Сороптимист,  како и Лајонс и Ротари е интернационална организација чија цел е да им служи на заедниците каде се основа. На интернационално ниво сите овие организации одлично соработуваат, за разлика од времето кога Сороптимист бил формиран, а клубовите како Лајонс и Ротари биле затворени за жени.

–  Очекуваме во иднина да се отворат вакви клубови во повеќе градови во Македонија со цел да може да формираме Унија на Македонија. Моите планови како прв претседател на клубот се да се зајакнат капацитетите на членките преку обуки, билатерални соработки со соседните земји, студиски патувања во Европа и посета на останатите клубови. Планираме да има локални активности за жените и девојките од нашите градови и секако да се промовираме за повеќе да не запознаат во Македонија, вели претседателката на првиот Сороптимист клуб во Македонија, Катерина Василевска.

Т. К.