Aкција за спас на шумаскиот појас во стариот дел на градот реализираше денеска Еколошкото друштво „Грашница“, во соработка со Одделението за заштита на животна средина при општина Охрид, здруженијата „Синан Челеби“ и „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид, како и студенти од Факултетот за туризам и угостителство и ЈП „Комуналец – Охрид.“

Задоволни сме од текот на акцијата во рамки на која опфативме поголема површина од шумата помеѓу Самоиловата тврдина и Плаошник. Вредната работа на сите учесници го даде посакуваниот ефект – спасен е значителен дел од шумата од инвазивниот бршлен, но останува уште многу работа.“ – велат од Еколошкото друштво „Грашница“.

Тие се надеваат дека наредниот пат, охриѓани ќе дојдат во поголем број, бидејќи на шумскиот појас во овој дел на градот му се заканува инвазија од бршлен.

Тоа е многу упорно и жилаво растение кое буквално сраснува со дрвата, ги загушува, ја зголемува нивната тежина и стануваат кршливи при посилни ветрови и снег. Акцијата се изведе со цел да се обрати внимание кај надлежните за ангажирање лица кои постојано би се грижеле за оваа шума, претежно составена од борови и бадемови стебла, а кои му даваат посебен белег на овој дел од градот.“ – додаваат од ЕД „Грашница“.

Инаку, во акцијата учествуваа околу 25 активисти.

OhridNews