Црвен крст Охрид и оваа година се вклучи во одбележувањето на Неделата на борба против гладот (16–22 октомври), во рамки на националната кампања „Помислете и на нас“, со цел поттикнување на солидарноста и хуманоста и обезбедување поддршка за лицата и семејствата на кои таа им е најпотребна.

Преку собирни акции организирани во детските градинки, основните и средните училишта, како и во маркетите „Тамаро“, беа собрани донации во храна и хигиенски производи. Во акцијата се вклучија и повеќе општествено одговорни компании и организации, давајќи значаен придонес за нејзината успешна реализација.

Собраните донации беа искористени за подготовка на хуманитарни пакети наменети за социјално ранливите категории граѓани, а нивната дистрибуција продолжи и во текот на месец ноември, велат од Црвен крст Охрид.

Посебна благодарност упатуваат и до вработените во Црвен крст Охрид и волонтерите на Клубот на млади, кои со својот ангажман и посветеност, велат, придонесоа за реализација на хуманитарната акција.

Хуманоста не треба да биде ограничена само на една недела, туку да се практикува секојдневно, преку солидарноста, грижата и поддршката за оние на кои им е потребна помош, порачуваат.

OhridNews