Три лица повредени во пожар во ОСУ „Св. Кирил и Методиј“, учениците и професорите навреме евакуирани од училишната зграда. Повредените кои на време беа извлечени им беа предадени на екипите од Итна медицинска помош и општинскиот Црвен крст.

Ова е дел од сценариото на денес изведената јавна показна вежба при случена несреќа во општинското средно училиште „Св. Кирил и Методиј“. Вежбата се реализира од страна на  Црвен крст Охрид во соработка со Центарот за управување со кризи, СВР Охрид, Службата за итна медицинска помош, Територијалната протпивпожарна бригада и Општина Охрид  со цел подигање на нивото на координираност и заедничко делување во случај на несреќи.

За оваа намена претходно беа изработени планови за евакуација за седум училишта во Охрид и Дебрца, остануваат уште неколку училишта кои немаат планови. Како секоја година и сега апелираме до локалните самоуправи да направат напори и да се изготват вакви планови за да можеме во сите училишта да ги направиме овие показни вежби во случај на несреќа за да знаат сите како треба да реагираат. Обврска на секое училиште е да го имплементира овој план за евакуација, вели претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков.

Од охридската Противпожарна служба потенцираат дека овие вежби и изработените планови се многу важни за во случај на евентуална несреќа секој да знае, според изработена шема, каде да се движи и како да реагира.

Вежбата успешно се реализира, службите добро си ја познаваат работата и изреагираа професионално. Претходно спроведовме обуки во училиштата како превентивно да се реагира и како да се снаоѓаат во такви ситуации, објаснува заменик командирот на охридската Противпожарна служба, Горан Маркоски.

При денешната показна вежба беше промовирано и новото амбулантно возило за специјални намени, донација од Црвен крст Зеволде Холандија и Националниот здравствен сервис од Холандија.

Т. К.