Успешно одржана третата по ред Меѓународна веслачка регата во рамките на Ohrid Water Festival. Настанот, во организација на Веслачкиот клуб Горица Ремо од Охрид, собра на едно место клубови од Македонија ВК Црн Дрим и ВК Врбник од Струга, ВК Галеб од Земун и ВК Зренекс од Зрењанин- Србија и ВК Черпоков и ВК Хеброс,Пловдив- Бугарија.
Регатата започна со посебна, емотивна нота. Настанот беше отворен со меморијалната трка скиф за јуниорки во чест на Јулијана Николиќ, талентираната веслачка чие сеќавање живее низ спортот. Победник во таа трка беше веслачката Ана Прентоска од ВК Црн Дрим, Струга.
Веслачите од Горица Ремо “извеслаа” до 15 одличја и се претставија во најдобро светло, покажувајќи ја својата подготвеност и посветеност. Посебно се истакна Ана Ничевска, која освои сребрен медал во трката скиф за пионерки. Нејзиниот успех е доказ за упорност, истрајност и дисциплина на тренинзите, велат од клубот.
Организаторите од Веслачкиот клуб Горица Ремо се горди на успехот на сите веслачи, кој ја потврдуваат сериозноста и квалитетот на клубот во регионални рамки.
Со вакви настани, Охрид уште повеќе се етаблира како регионален центар за спортови на вода, а младите таленти како Ана се иднината на македонското веслање, посочуваат од клубот.
OhridNews