Со проекции на над шеесет современи европски филмови, мастер-класови, дискусии и жив фестивалски дух покрај езерото, заврши осмото издание на Beach Film Festival – Охрид, фестивалот на нов европски филм што се одржуваше од 23 до 27 јули во Охрид.

Програмата се одвиваше на четири локации низ Охрид: плажа Славија, плажа Сараиште, Брод Армада и Младинскиот центар. Публиката имаше можност да проследи филмови во четири селекции: долгометражна официјална селекција, краткометражни филмови, студентски краткометражни филмови и програма за деца.

На свеченото затворање, жири-комисијата во состав Хуан Албарацин (режисер, сценарист), Патрик Бихтинг (режисер, продуцент), Танасис Неофотистос (режисер, писател) и Нејтан Силвер (режисер), ја додели наградата за најдобар долгометражен филм на македонско-грчката продукција „Киука – пред летото да заврши“, во режија на Костис Харамуданис. Наградата ја подигна копродуцентката на филмот, Марија Димитрова. Наградата за најдобро актерско остварување ја доби полската актерка Нел Качмарек за улогата во филмот „Губење рамнотежа“ („Loss of Balance“), додека наградата за најдобар краткометражен филм беше поделена меѓу два филма – „Мала шега“, во режија на Трифун Ситниковски, и „Зајак“, во режија на Ханис Багашов, кој лично ја подигна наградата.

Студентската селекција, за првпат оваа година, беше оценувана од младо жири составено од Иво Георгиески, Агнес Лахтова и Димитриј Мартиновски. Наградата за најдобар студентски филм ја доби норвешкиот „Чекање“ („The Wait“), во режија на Вилја Кескимаки.

Во рамки на фестивалот беа одржани четири мастер-класови со членовите на жирито, како и панел-дискусија на тема „Филмот како образовна алатка во училишта и при работа со млади“. Атмосферата секоја вечер беше збогатена со музичка програма на плажа Славија, каде проекциите се одвиваа под отворено небо, во непосредна близина на езерото.

Ова издание беше посебно и по хуманитарниот карактер, сите средства од продажба на билети ќе бидат  донирани за погодените семејства и повредените од трагедијата во Кочани.

Фестивалот се реализираше со поддршка од Агенција за филм, Општина Охрид, Шпанска амбасада, Италијанска амбасада, Австриска амбасада, Француски институт, Гете-институт, Халкбанк АД Скопје и Соко.

OhridNews