Уставниот суд во Скопје, вчера укина низа членови и ставови поврзани со различни закони, меѓу кои и Законот за адвокатски маркички, донесен мината година.
Според одлуката, се укинува членот 6, ставовите 3 и 4 и членот 7, ставовите 1, 2 и 3 од Законот за адвокатски маркички.
Со членот 6, став 3 се предвидуваше адвокатот да ги плаќа трошоците за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички, додека со став 4 се предвидуваше тој надоместок да изнесува во висина на реалните трошоци за печатење, издавање, транспортирање и чување на маркичките.
Според судот, укинувањето е затоа што според Законот за адвокатските маркички тоа е јавна давачка, а трошоците за таа давачка не може да се ставаат на товар на оние кои имаат обврска да ја платат.
Исто така, со членот 7 став 1 се предвидуваше адвокатската маркичка адвокатот да ја приложува кон секој поднесок, а преку ставот 2 од овој член писмениот договор меѓу адвокатот и неговиот клиент требаше да биде приложен кон секоја исправа и поднесок на кој не е ставена адвокатска маркичка. Со ставот 3 се предвидуваше ако не е ставена адвокатската маркичка на исправа и поднесок од адвокатот до државниот орган се смета дека таа исправа или поднесок се неуредни и ќе бидат отфрлени од страна на примателот.
Според Судот, овие укинувања се затоа што овој орган оценил дека таквите одредби го повредуваат начелото на ефикасност и економичност на постапката, кое начело е дел од основното начело за судење во разумен рок, а со тоа не се обезбедува владеење на правото.
Инаку, Законот на сила стапи на почетокот од оваа година, а охридските адвокати бараа одлагање на примената на законот и негово модифицирање поради, како што рекоа, неговата тешка применливост во пракса.
OhridNews












