Со учество на 40-тина еминентни византолози од Европа, денеска, во катедралната црква Света Софија, во Охрид, започна 6-от Меѓународен симпозиум “Денови на Јустинијан Први”, под тематскиот наслов: „Државата и империјата“.
Општествената димензија во споделувањето на наследството на Јустинијан Први и годинава ги интегрира Универзитет „Евро-Балкан“, Институт за национална историја на Република Македонија и Универзитет во Болоња, Италија, градовите Охрид и Ресен, како и научниците од Европа и светот, со што дополнително се валоризира традиционалноста, мегународната препознатливост и афирмираност на овој еминентен научен собир, истакна Проф. д-р Митко Б. Панов, кој во рамки на настанот денеска го промовираше Зборникот на трудови од Петтиот меѓународен симпозиум „Денови на Јустиниан I”.
– Годинешната специјална тематска целина “Држава и империја”, е инспирирана од 1000 – годишнината од падот на Самуиловата држава и милениумскиот јубилеј на Охридската архиепископија. Охрид, градот на УНЕСКО, обезбедува дополнителен симболизам со византискиот император, со оглед на фактот што Јустинијан и неговата Архиепископија Јустинијана Прима се инкорпорирани во традициите на Охридската Архиепископија и на МПЦ. Тоа што симпозиумот се одржува во Охрид и Ресен најдобро ја рефлектира клучната идеја за интегрирање во еворопското културно наследство, како поврзувачка компонента меѓу истражувачите ширум светот – потенцираше Д-р Панов,
Професор д-р Рубин Земон, од Универзитетот “Евро Балкан”, објасни дека овој симпозиум се одржува во Охрид и Ресен, бидејќи, пред точно еден милениум Самуиловата држава имаше седиште токму во овој регион.
Дел од свеченото отворање беше и настапот на камерниот хор Херувими, под диригенство на Мирјана Павловска – Шулајковска, во придружба на маестро Золтан Мизсеи од Институтот за напредни истражувања од Косзег, Унгарија, кој успешно соработува со Универзитетот “Евро Балкан”.
Учесниците денешниот сончев ден го искористија за посета на спомениците на историјата и културата во Охрид, додека утре ќе ја посетат и црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново.
OhridNews












