Владата на денешната седница го разгледа и усвои Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство. Веднаш потоа се одржа средба на премиерот Заев и министерот за транспорт и врски Бочварски, со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебрца. Георгиески, Мерко и Ногачески.

Како што истакна премиерот Заев, извештајот на УНЕСКО треба да се прифати како силен аларм кој повикува на заедничка акција на Владата, надлежните ресорни министерства и на oпштините Охрид, Струга и Дебрца, за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат статусот на Oхридскиот регион и Охридското Езеро како заштитено природно и културно подрачје од страна на УНЕСКО, истакна  премиерот Зоран Заев.

Заедничка констатација на средбата беше да продолжи координацијата меѓу Владата и општините Охрид, Струга и Дебрца на утврдените активности, како и на усогласување на легислативата за надлежностите кои ќе овозможат успех во спроведувањето на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион и на развојните планови на општините, соопшти владината прес-служба.

Владата ја задолжи Националната комисија за УНЕСКО да го достави Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, најдоцна до 25 февруари 2021 година.

OhridNews