Ако во текот на превозот на патници дошло до прекин на превозот од причини за кои патникот не е одговорен, патникот има право да бара превозникот, заедно со багажот, со свое или друго соодветно превозно средство, да го превезе до местото на определување. Доколку превозникот не го превезе патникот до местото за определување во рок од 60 минути, патникот има право да бара превозникот, заедно со багажот, да го врати на појдовното место и да му ја врати сумата платена за соодветниот превоз, е дел од новините содржани во новиот закон за договори во патниот сообраќај кој го усвои владата, а како што велат од таму, е во интерес на превозниците и патниците.

Со законот е предвидено и доколку превозникот не го одржи поаѓањето согласно одобрениот возен ред независно од која причина, дека автобуската станица може на сметка на превозникот да организира превоз со соодветно возило за да се превезат патниците. Понатаму, превозникот одговара за штета настаната поради  смрт,  загрозување на здравјето или повреда на патникот и за штета поради задоцнување или прекин на патувањето, доколку наведените ситуации се случиле без вина на патникот, и тоа до износ во висина на осигурената сума означена на полисата на осигурителната компанија со која што превозникот склучил договор за осигурување на патниците.

Законот предвидува и низа новини за превозниците. Една од нив е дека договорот за превоз мора да содржи клаузула за рок на исплата на надомест за договорениот превоз, кој не смее да биде подолг од 60 дена од денот на извршување на превозот за договори на одредено време и повеќе патувања.

За едно договорно патување рокот за исплата на надомест за договорениот превоз е веднаш односно не смее да биде подолг од 30 дена од денот на извршување на превозот.

Доколку со договор за превоз не е прецизиран рок за исплата на надомест за договорениот превоз, се смета дека рокот  не  е подолг од 30 дена од денот на извршување на превозот.

– Со овој закон се остваруваат повеќе интереси за граѓаните, компаниите и државата. На овој начин се задоволуваат барањата на превозниците и транспортерите и нивната бизнис заедница затоа што дава предвидливи правила на вршење на дејност и заштита на нивните права и обврски, а ќе донесе развој на оваа сфера, потенцираат од владата.

OhridNews