Државната изборна комисија (ДИК) откако ја доби одлуката за распишување на предвремени парламентарни избори на 11-ти декември потпишана претходно од собранискито псикер Трајко Вељаноски, попладнето одржа седница на која беше усвоен Роковникот за извршување на изборните дејствија, јавува „Макфакс“.

Врз основа на овој роковник, Избирачкиот список ќе биде ставен на увид на 28-ми октомври, а увидот ќе заврши на 11-ти ноември. Десет дена подоцна, односно на 21-ти ноември, Државната изборна комисија ќе го заклучи Избирачкиот список, а на 1-ви декември треба да ги потпише изводите од Избирачкиот список.

За време на јавниот увид право да се пријават за гласање ќе имаат 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.

Пријавувањето за гласање на македонски државјани кои живеат во странство може да започне веќе од средата, 19-ти октомври, за што ДИК има изготвено посебна апликација. Пријавувањето и на овие граѓани ќе трае, исто така, до 11-ти ноември.

Листите на кандидати за пратеници полититичките партии и независните кандидати треба да ги достават до ДИК најдоцна до 11-ти ноември на полноќ, а жрепката за редоследот според Роковникот треба да се одржи на 20-ти ноември. Изборната кампања започнува на 21-ви ноември, а завршува на 9-ти декември.

Според Роковникот партиите до ДИК треба да достават три финансиски извештаи, и тоа на 1-ви, 10-ти ден пред одржувањето на гласањето и на 26 декември, односно две седмици по изборите.

Членовите на ДИК усвоија барање што ќе биде доставено до Министерството за внатрешни работи за доставување податоци за граѓаните.

Барање, исто така, ќе биде упатено барање до Министерството за информатичко општество и администрација за доставување податоци за вработените во државната и општинската администрација, администрацијата на Град Скопје, како и јавната администрација, а од Министерството за надворешни работи ќе бараат податоци за дипломатите вработени во соодветното дипломатско конзуларно претставништво заради избор на претседател и заменик претседател на избирачки одбори за спроведување на гласање во декапеата.

Членовите на ДИК продолжија во вторникот во вечерните часови со работа на прецизирње на документите што ќе бидат потребни за лицата кои живеат надвор од земјата подолго од три месеца, а не се евидентирани дека не живеат во Република Македонија за да можат и тие да се пријават и да гласаат на претстојните предвремени парламентарни избори.

OhridNews
извор: „Макфакс“