Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања усвои препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил.
Копретседателот на Комисијата Драги Ѓоргиев по брифингот со новинарите во врска со усвоените решенија на Комисијата појасни дека препораките за заедничкото чествување на овие историски личности се всушност идентични текстови за заедничко чествување со кои им препорачуваат на двете влади на одредени годишници или јубилеи да се чествуваат заедно.
Во однос на учебниците, како што рече тој, по пет препораки подеднакво за македонските и за бугарските учебници, се однесуваат на некои структурални недоследности во лекциите, потоа на фактографски грешки, историската географија, односно како се претставени одредени географски реони во учебниците, бидејќи, како што рече, во тие сегменти забележавме најмногу пропусти и во двата образовни системи.
Препораките не допираат во идентитетските прашања, и истите се посветени на тоа да се избегне митологизацијата на тој антички период на двете страни и да се избегне денешната национална перспектива. Од тој аспект сметаме ќе се подобрат учебниците по историја во двете земји, рече Ѓоргиев.

За заедничкото чествување на историските ликови, главни критериуми за Комисијата беа презентација на универзалните вредности на тие личности за придонесот на тие личности во развивањето на христијанската култура, традиција на овие простори и секако придонесот на тие личности за развојот на словенската, сесловенската писменост. Се трудевме во тој контекст текстовите да имаат поширок регионален апсект, заклучи Ѓоргиев.

Препораките денеска се објавени на веб-страницата на македонското МНР.
OhridNews













