Владата на последната седница донесе низа одлуки, меѓу кои и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства. Овој предлог за ново законско решение има за цел обезбедување на сигурни, квалитетни и безбедни лекови за потребите на пациентите во Република Македонија од паралелен увоз, обезбедување на лесно достапни податоци за лекот на надворешното пакување за здравствените работници, како и пофункционално и поефикасно работење на Комисијата за цените на лековите.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за предлог договорот за доделување на државна помош за инвестицијата на германската компанија Leopold Kostal GmbH & Co. KG за реализација на инвестициски проект на територијата на Општина Охрид, како браунфилд инвестиција во постоечките капацитети на индустрискиот комплекс „ЕМО ОХРИД“, наменета за обука на вработени, тест производство и сериско производство на мехатронски делови составени од електроника, прекинувачи и конектори наменети за автомобилската индустрија.

OhridNews